Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, оцени дека приемот на нови членки во Европската Унија ќе го направи европскиот блок посилен, дека ЕУ треба да започне со приемот на Западен Балкан и дека Србија е клучна земја во регионот.
Сијарто рече дека Европската комисија правилно утврдила оти Србија постигнала значителен напредок на патот кон евроинтеграциите, објави „Будапест тајмс“. Сијарто посочи дека треба што поскоро да се отворат новите пристапни поглавја со Србија, за да може процесот да се заврши што е можно побрзо.
Зборувајќи за Украина, тој рече дека официјален Киев не ги исполнува условите за кандидатски статус за членство во ЕУ, нагласувајќи дека тоа ги крши правата на малцинствата.
Сијарто додаде дека унгарската влада смета дека е време за дебата за идната политика на ЕУ кон Украина.
– Со оглед на војната што е во тек, јасно е дека во земјата не се почитува ниту слободата на медиумите, ниту слободата на говорот, а не се одржани ниту избори, посочи унгарскиот министер.
Сијарто рече дека е апсолутно јасно дека Украина нема да биде подготвена за членство во ЕУ додека не се воспостави мир.
– Украина ќе донесе војна во ЕУ, која ние очигледно не ја сакаме, која не можеме да ја сакаме, нагласи Сијарто.
Тој ја поздрави одлуката на Европската комисија да и додели кандидатски статус на Грузија, кој, според него, требало да биде доделен многу порано.