Како одговор на невидените предизвици со кои се соочува Западниот Балкан, а кои произлегуваат од потребата за заживување на економиите по Ковид пандемијата и актуелното влијание на руската агресија врз Украина, Европската комисијата предлага ЕУ да даде храбра понуда до земјите од регионот во форма на План за раст што ќе обезбеди можности за зајакнување на нивната социо-економската конвергенција, нивно доближување до единствениот пазар на ЕУ во многу области, како и значителната дополнителна финансиска поддршка.
Ова се наведува во Планот за раст на Западниот Балкан на Европската комисија што беше претставен вчера во Брисел и кој, според еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, има за цел да се поттикнат економиите на земјите во регионот во следните години и да се намали социо-економскиот јаз меѓу нив и членките на Унијата до крајот на оваа деценија.
– Сакаме постепено да го интегрираме Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ, дури и пред полноправното членство во ЕУ, изјави Вархеји, додавајќи дека Планот за раст ќе им помогне на партнерите на ЕУ од Западен Балкан да ги забрзаат основните реформи, вклучително и оние поврзани со владеењето на правото и демократијата, како и во привлекувањето приватни инвестиции, промовирање на одржлив економски раст и намалување на загадувањето.
Според него, долгорочната цел е да му се помогне на регионот да го постигне својот целосен потенцијал во однос на капацитетот за економски и социјален развој во споредба со земјите членки на ЕУ до 2030 година.
– Накратко, Планот за раст ќе создаде соодветни услови за нашите регионални партнери да станат членки на Унијата, заклучи Вархеји.
Како што се наведува во Планот, тој има за цел да донесе некои од економските придобивки во претпристапниот период за да изгради посилни, поотпорни економии и да обезбеди секојдневни економски придобивки за бизнисите, работниците и потрошувачите.
– Ова, пак, ќе има придобивки за целата ЕУ – интеграција на добро подготвени и економски посилни земји кои ги применуваат правилата и стандардите на ЕУ веќе пред нивното пристапување, се наведува во Планот.
Според ЕК, како што јави дописникот на МИА од Брисел, за да го искористат потенцијалот на овој План за раст, партнерите од Западен Балкан ќе треба да преземат решителни напори да напредуваат и на домашната реформска агенда и на зајакнување на економската интеграција во регионот.
– Нивните власти имаат одговорност ефективно да комуницираат за Планот за раст и неговото спроведување. Заедно, Западен Балкан и ЕУ треба да ја искористат оваа можност за да го забрзаат напредокот на пристапниот пат, се наведува во документот.
Во Планот се потенцира дека Европската комисија силно верува дека проширувањето останува клучна политика на ЕУ, а особено дека полноправното членство на земјите од Западен Балкан во Унијата е во нејзини политички, безбедносен и економски интерес.
– Руската агресивна војна против Украина уште еднаш ја илустрира потребата од решителна геостратешка инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа. Војната имаше значително влијание врз нашите партнери од Западниот Балкан, вршејќи дополнителен притисок врз нивните економии и општества и создавајќи ризици за нивната стабилност, се наведува во Планот во кој се додава дека како никогаш досега е јасна потребата од забрзувањето на пристапниот процес на земјите од региони, врз основа на спроведување на потребните реформи.
Во Планот се нагласува дека мнозинството граѓани од Западниот Балкан мислат дека членството на нивната земја во ЕУ би било добра работа и во тој контекст, новиот План за раст на регионот ќе претставува можност за дополнително зголемување на видливоста на поддршката од ЕУ за регионот.
Во документот се нагласува дека економското поврзување е суштински елемент за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ и тоа во моментов не е задоволително, ниту во однос на реформските процеси, ниту во однос на социо-економската конвергенција, што го кочи напредок на овие држави на европскиот пат.
– Затоа, постои потреба од брз почеток и поттикнување на подготовките на Западниот Балкан за членство во ЕУ, со истакнување на некои од неговите придобивки, особено на начини што директно ќе го почувствуваат граѓаните на земјите од Западен Балкан. Целта треба да биде да им се овозможи на партнерите да ги засилат реформите и инвестициите за значително да се забрза процесот на проширување и растот на нивните економии, се посочува во Планот.
Четирите основи столба на кој ќе се базира Планот за раст на Западниот Балкан се подобрување на економската интеграција на земјите од регионот со единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на економската интеграција државите од регионот во заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Фондот за реформи и раст за Западниот Балкан, како нов инструмент во вредност од 6 милијарди евра неповратна поддршка за спроведување на основните и социо-економските реформи.
Како дел од овој План за раст, Еврокомисијата идентификуваше седум првични приоритетни области, кои ЕУ може да им ги понуди на земјите од Западен Балкан и кои ќе донесат значителни економски придобивки за регионот. Тие седум првични приоритетни области се слободното движење на стоки, слободно движење на услуги и работници, пристап до Единствената зона за плаќања во евра, интегрирање на превозот на патници, интегрирање на енергетските пазари, вклучување во дигиталниот единствен пазар и интеграција во индустриски синџири на снабдување.
За таа цел со Планот се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди евра во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра концесиски заеми обезбедени од ЕУ.
Поддршката ќе биде обезбедена преку позајмици директно исплатени во националните буџети на партнерите од Западен Балкан. Од нив три милијарди евра ќе бидат ставени на располагање како директна поддршка за корисниците за да се забрза растот врз основа на клучните социо-економски реформи, а две милијарди евра грантови и една милијарда евра кредити ќе бидат наменети за поддршка на инфраструктурни инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Овие инвестиции ќе бидат наменети за транспортот, енергијата, дигиталната транзиција, образованието и развојот на вештини. Најмалку, 37 отсто од неповратната финансиска поддршка канализирана преку Инвестициската рамка треба да се однесува на проекти што ќе придонесат за остварување на климатските цели.
– Исплатите ќе се вршат двапати годишно, условени со реализација на социо-економски реформи, заедно со фундаментални реформи, вклучително и во владеењето на правото, посочува Комисијата.
Според ЕК, економското поврзување ќе има позитивното влијание врз растот на БДП и нивоата на приходи на секоја од земјите, за што е се потребни инвестиции во модернизација на економиите и инфраструктурата, но и реформи, вклучително и зајакнувањето на владеењето на правото и основните права, со цел да се создаде поволно опкружување за привлекување приватни инвестиции и генерирање одржлив економски раст.
Комисијата смета дека изградбата на модерна, динамична и декарбонизирана економија со подобрени можности за вработување, исто така, ќе го намали и иселувањето од земјите во регионот.
– Овој нов План за раст се надоврзува на постоечката методологија за проширување и создава пакет мерки за заемно зајакнување кои ќе ја мултиплицираат потенцијалната корист од секоја мерка. Тој, исто така, обезбедува повеќе стимулации и придобивки од интеграцијата пред пристапот во ЕУ, а со тоа има за цел да ги забрза преговорите за пристапување. Конечно, со цел да се обезбедат рамноправни услови за игра меѓу земјите опфатени со процесот на проширување, тој постепено додава дополнителни можности за Западниот Балкан како надополнување на оние предвидени со постојните Договори за стабилизација и асоцијација (ДСА). Брзината сега е од суштинско значење и целта е Планот за раст да почне да покажува вистинска разлика веќе следната година, се посочува во Планот.
Според ЕК, овој План не е во спротивност со тековните процеси на пристапување и специфичните услови предвидени во тој процес, туку само ќе поттикне забрзување на усвојувањето и спроведувањето на европското законодавство.
– Покрај тоа, со силен фокус на интеграцијата во регионот на Западен Балкан, треба да им помогне на земјите да се фокусираат на нивната заедничка иднина како членки на ЕУ и да ги надминат билатералните предизвици кои за жал трошат премногу енергија и го успоруваат регионот, се додава во Планот.