Иако инфраструктурата беше реновирана и подобрена во голем број затворски објекти, условите во делови од затворот Идризово и другите притворски установи од затворскиот систем остануваат нехумани, а пријавената пренатрупаност предизвикува дополнителна загриженост за затворската популација.
Ова се дел од прашањата покренати во претходните години кои што Европската Комисија ги нотира повторно во Извештајот за напредок на Северна Македонија за 2023 година.
– Прашањата покренати во претходните години остануваат нерешени, особено недостатокот на соодветни услови за работа на полициските службеници и недостатокот на установи за соодветна здравствена заштита во затворите, стои во извештајот.
Назначувањето на новите директори на Управата за извршување санкции и на затворот Идризово ЕК ги наведува како позитивен чекор, земајќи ги предвид нивните релевантни професионални позадини, а недостатокот на соодветна здравствена заштита или мерки за лекување на зависноста од дрога во затворите велат дека останува прашање на сериозна загриженост.
– Сепак, барањата од Законот за извршување санкции од 2019 година за избор на раководство на затворот не беа доследно применувани. Редовните контроли во затворите треба да продолжат. Корупцијата во затворите и понатаму е проблем кој се повторува. Во 2022 година беше усвоен план за спречување на корупцијата во националниот затворски систем 2022-26, заедно со годишниот план за 2023 година. И покрај позитивните напори да се поттикне медицинскиот персонал кој работи во затворите, недостатокот на соодветна здравствена заштита или мерки за лекување на зависноста од дрога во затворите останува прашање на сериозна загриженост. За да биде целосно имплементирана, стратегијата 2021-2025 за развој на затворскиот систем бара средства, дополнителен персонал и политичка посветеност, се наведува во извештајот.
Во однос на пробацискиот систем, ЕК вели дека тој продолжува да се развива, а бројот на случаи се зголемува.
– Во 2022 година, вкупниот број на предмети по кои постапуваа 11-те канцеларии за пробација се зголеми на 475 (451 во 2021 година). Соработката треба да продолжи меѓу јавниот и приватниот сектор како и граѓанското општество и меѓу агенциите. Координацијата е подобрена помеѓу службениците за условна казна, судиите, јавните обвинители, затворскиот персонал и другите институции пред да биде ослободен осуденикот и тоа треба да продолжи. Концентрацијата на најголем дел од условните предмети во Основниот кривичен суд Скопје ја истакнува потребата од обука и подигање на свеста за придобивките од условната осуда во другите судови во државата, образложуваат во извештајот.
Се дополнува дека не беше постигнат напредок во усвојувањето на измените на законската рамка во однос на алтернативните казни и алтернативните процедури за зголемување на нивната употреба.
– Не беше постигнат значаен напредок во справувањето со севкупниот недостаток на наменски едукативни, рекреативни и стручни активности за осудените и притворените затвореници. Во сите казнено-поправни установи и воспитно-поправни установи треба да се спроведуваат образовни и ресоцијализациски активности и програми за лекување, се посочува во извештајот на ЕК.