По двата врзани порази од Холандија на домашен и Молдавија, на гостински терен, македонската фудбалска репрезентација до 21 година идниот четврток во Скопје ја пречекува Грузија со императив да ги освои трите бодови и да ги задржи шансите за второто место во групата Ц во квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Селекторот Драган Канатларовски денеска го објави списокот за претстојниот квалификациски дуел, како и контролниот натпревар против Австрија на гостински терен, на кој меѓу повиканите 24 фудбалери нови имиња се Димитриј Поповски од Силекс, Ардијан Цилафи од Сампдорија и Фисник Исаки од Б93.
„Не очекува еден исклучително тежок натпревар против репрезентацијата на Грузија и мораме да одиграме квалитетно и концентрирано во текот на сите 90 минути. Станува збор за квалитетна и цврста репрезентација. Во октомврискиот циклус имавме еден неочекуван пораз од Молдавија. На овој натпревар одиме на победа и да останеме во игра за тоа второ место во групата“, изјави селекторот Канатларовски.
Македонската репрезентација со три бодови од исто толку натпревари е на претпоследното место во квалификациската група во која води Холандија (12), пред Шведска (7), Грузија (7) и Молдавија (6). На последното место е Гибралтар без бодови.