Универзитетските професори Весна Попоска и Владимир Пивоваров учествуваа на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Ослободи го умот: Клучни елементи на борбата против дезинформациите, пропагандата и хибридните закани во Северна Македонија“. Модератор на панелот беше Дехран Муратов, координатор во ЦИВИЛ и уредник во медиумската платформа на организацијата.
Професорите Попоска и Пивоваров говореа за клучните елементи на борбата против дезинформациите, пропагандата и хибридните закани во Северна Македонија. Меѓу другото, тие ги оценија и капацитетите на нашата држава за справување со дезинформациите и дадоа свои препораки каде треба да се подобри функционирањето на системот, односно институциите, во борбата против дезинформациите и странското малигно дејствување во земјата.
Исто така, пред соговорниците на ЦИВИЛ беше и прашањето кои домашни ентитети се креатори, односно носители на дезинформациите, пропагандата и хибридните закани против демократијата, безбедноста и стабилноста на нашата земја. Притоа, тие добија и простор да се осврнат и на општествените чинители кои можат и треба да се соочат со дезинформациите и малигното дејствување во општеството.
„Хибридната војна и дезинформациите не се новост, меѓутоа добија на актуелизација на руско-украинската војна како попатна придружба на копнената руска офанзива. Од каде произлегува хибридната војна? Како теорија преземена во академска смисла некаде 2013та се формулира теоријата на Герасимов. Имено, Герасимов е началник на рускиот генералштаб, чинам, иако еден период беше ранет, можеби е повлечен, не ме фаќајте за збор, кој практично зборуваше за ефектите кои може да ги имаат оние други, таканаречени „меки“ средства кои практично се базираат на поткопување на либералните вредности како такви затоа што либералните вредности се со уште поголеми темели на нашите општества, од оние физичките кои се поставени. Но и тоа не е ново зашто Герасимов својата доктрина ја наследи од Примаков, поранешен министер за надворешни работи на бившиот СССР.
Исто така, и на другата страна, на западниот блок, условно кажано, или на НАТО блокот, се разви таканаречениот „DIME концепт“ (Diplomacy, Information, Military and Economic), тоа се четирите сегменти на национална моќ, така што паралелно одеше тој процес“, вели Попоска.
Таа истакна дека постојат малициозни центри на моќ кои доаѓаат од Москва и други земји сојузници во оваа (хибридна) војна, кои настапуваат на стратешко ниво, односно на долгорочен план.
Проф. Пивоваров открива дека во разузнавачките служби во нивната номенклатура секогаш имало отсек „Информации и дезинформации“ и дека денес, со развојот на технологијата, лажните вести се шират со голема брзина. Тој додаде дека нашите служби имаат посебен сектор кои имаат знаење, вештини и опрема за докажување на кривични дела од овој домен.
„Лажните информации денеска се секојдневие. Значи, прво треба да се прашаме како да ја препознаеме лажната информација? Првото препознавање на лажната информација доаѓа од можноста кога го читате текстот кој е наменет за поширока популација. Значи целта на лажната вест е да го креира јавното мислење во зависност од која сфера доаѓа. Дали од економска сфера, дали од политичка, дали социјална, дали образовна. Значи, кога ќе дојде до својата популација, до таргет групата…
Значи во таква ситуација нивната цел е да го креираат тие јавното мнение онака како што ним им е наложено од оној, значи, овде верувајте дека тоа не се хакери туку најсовремени информатичари и со многу големо знаење, многу голема едукација кои на специјален начин ги креираат своите замисли кои им се дадени како домашна задача од нарачателот – рече проф. Пивоваров.
Тој ја спореди лажната вест со мала топка снег која се тркала низ планината од која се создава лавина и таа лавина ја постигнува целта бидејќи психички е прифатена од популацијата. Според него, тука може да се издвојат две категории, едни кои сакаат да ја проверат информацијата и други кои не сакаат да проверуваат бидејќи им одговара таа лажна вест.
Тој додава дека нашето законодавство одредува благи казни, и смета дека ќе има поголем ефект доколку има поголема казна врз идните извршители и врз оние кои го сториле кривичното дело. Тој го посочи примерот со серијата закани со бомби со кои се соочуваше земјата во текот на 2022 година.
„Лажните дојави за бомби во училиштата се случуваа во период кога имавме посети од високи европски функционери. Откако заврши целиот процес, тие лажни дојави ги снема“, потсети проф. Пивоваров.
Тој додава дека никаде во светот не се случија терористички напади кои беа однапред најавени.
„Ерата на информатичката технологија овозможува во еден момент да се креираат илјадници лажни адреси. Тоа ти е како пушкомитралез кој во една секунда исфрла илјада куршуми – од една страна сее смрт, а од друга сее незадоволство, разочараност кај луѓето, конкретно насочени кон институциите дека се неспособни“, објаснува проф. Пивоваров.
Креаторите на лажни вести и дезинформации посеаја зло семе во почвата односно во психата на нашите граѓани, вели тој.
Проф. Пивоваров додава дека има нарачател(и), извршител(и) и таргет група за кого е насочена одредена дезинформација. Тие имаат цел да влијаат на јавното мнение и да внесат страв.