ЕК побара информации за мерките за заштита на малолетници и од Мета и Снеп  

Европската комисија денеска испрати барања до Мета и Снеп да и достават информации за мерките што ги презеле за усогласување со нивните обврски поврзани со заштитата на малолетниците врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ.  

Идентични барања, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК вчера упати и до ТикТок и Јутјуб. 

Еврокомисијата бара Мета и Снеп да и достават податоци за исполнување на обврските поврзани со проценката на ризикот и мерките за онлајн заштита на малолетниците, особено во однос на ризиците за нивното ментално и физичко здравје, како и за условите под кои малолетни лица можат да ги користат услугите на нивните платформи.  

Двете компании се обврзани да ги достават бараните информации до Комисијата најдоцна до 1 декември, по што врз основа на проценката на одговорите таа ќе донесе одлука за следните чекори. 

Доколку тие не одговорат на барањата или дадат неточни, нецелосни или погрешни информации, Европската комисија, согласно ДСА, може да им изрече казни. 

По прогласувањето на 19 социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за онлајн трговија од страна на ЕК за „многу големи онлајн платформи“, меѓу кои се Фејсбук и Инстаграм на Мета и Снепчет на Снеп, тие се должни да се усогласат со целосниот сет на одредби од Законот за дигитални услуги, вклучително и за проценка и ублажување на ризиците поврзани со ширењето на илегални и штетни содржини, со негативните ефекти врз основните човекови права, вклучително и правата на децата и заштитата на малолетниците.  

Ова е второ барање од ЕК до Мета врз основа со ДСА, откако на 19 минатиот месец од платформата беше побарано да достави информации во врска со наводното ширење на терористичка и насилна содржина, говор на омраза и дезинформации. 

Треба да знаете
Последни објави