Зградата на Кардиологија во комплексот Ал Шифа е уништена во израелски напад

Палестинското Министерство за здравство денеска соопшти дека зградата на Кардиологија во болничкиот комплекс Ал Шифа, најголемата во Појасот Газа, е уништена во израелски воздушен напад.

„Окупаторот целосно го уништи кардиолошкиот оддел на болницата Ал Шифа. Двокатната зграда е целосно уништена во воздушниот напад“, изјави заменик-министерот за здравство Јусеф Абу ал-Риш, пренесува Ал Џезира.

Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA) претходно објави дека Светската здравствена организација изгубила контакт со болницата Ал Шифа поради континуираните напади.

Според нивни сознанија, израелските сили пукале во некои луѓе кои бегале од болницата, а некои биле ранети и убиени.

„СЗО изразува сериозна загриженост за безбедноста на здравствените работници, стотиците болни и повредени пациенти, вклучително и бебињата на апарати за одржување во живот, и раселените лица кои се засолниле во болницата“, соопшти СЗО.

Се претпоставува дека илјадници луѓе побарале засолниште во болницата Ал-Шифа, која е во центарот на жестоките борби веќе два дена, а хирургот Марван Абу Сада за Би-Би-Си изјави дека звуците од пукотници и бомбашки напади одекнуваат низ Ал-Шифа секоја секунда, како и дека обидите за закопување на жртвите биле спречени поради борбите околу комплексот.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) постојано го обвинуваат Хамас дека дејствува од тунелите под болницата, што милитантната група негира. 

Треба да знаете
Последни објави