Од денеска тетовската библиотека „Кочо Рацин“ поради преселувањето во нови привремени простории нема да врши позајмување на книги на членовите. Библиотеката се сели од еден во друг дел на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ согласно одлуката на Министерството за култура од август оваа година.
Осумнаесетте вработени во библиотеката имаат помош од работници од фирма ангажирана од Министерството, кои прават преселба на рафтовите, додека нивната обврска е пакување, отпакување и редење на книгите. Библиотеката има фонд од над 82 илјади книги.
– Се надеваме дека за две недели ќе завршиме со преселување, но точно не можеме да предвидиме. Се зависи од тоа како ќе се одвива, колку ќе ни стасаат полиците кои ги имаме, колку ќе бидат приспособени за во новите простории каде што одиме. Околу 20 отсто од книгите нема да ги поставиме, туку ќе бидат складирани во пакети во некоја просторија од Центарот за култура, која дополнително треба да ни биде посочена, изјави Елизабета Трпчевска Петрушевска, в.д. директорка на библиотеката.
Вработените ги преместуваат книгите, списанијата, разни публикации и историски документи од една поголема просторија, која ја имаа во повеќе помали делови од Центарот за култура. Детскиот оддел ќе биде сместен во две поранешни училници кои сега се споени во една просторија. За книгите од одделот за возрасни има две други простории. Влезот во библиотеката ќе биде од задниот дел на Центарот за култура.
– Читателите нема да бидат оштетени воопшто. Предвидено е дека во овој период додека нема да работиме сите читатели коишто треба да ги вратат книгите, нема да платат казна. Книгите ќе може да ги вратат кога ќе се заврши преселбата. Книгите не може сега да се зајмуваат затоа што се поставени во пакети, изјави Елизабета Трпчевска Петрушевска.
Поранешните простории на библиотеката, Министерството за култура ќе ги отстапи на Делегацијата на Европската Унија. Библиотеката во Тетово со децении се соочува со просторен проблем и сите простории досега биле привремени.
За надминување на просторните проблеми на библиотеката во Тетово постои трајно решение. Од 2014 година почна со изградба на нов објект каде треба да се сместат библиотеката и Тетовски театар, кој сè уште се гради и согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година.
Тетовската библиотека има 5.300 активни читатели, со дневна фреквенција од 300 до 500 читатели.