Брод со генератори, амбулантни возила и други медицински средства од Турција пристигна денеска во пристаништето Ал Ариш, во близина на граничниот премин Рафа меѓу Египет и Појасот Газа, по што турските медицински лица ќе започнат со формирање на осум теренски болници.
Тоа е прв таков брод со хуманитарна помош што пристигнува во Египет по избивањето на војната на 7 октомври меѓу палестинската група Хамас и Израел.
Светската здравствена организација тврди дека болницата Ал-Шифа во градот Газа „повеќе не функционира како болница“, а слични извештаи пристигнуваат и од други установи, кои најмногу зборуваат за недостиг од залихи и електрична енергија и за постојано присутната опасност по живот поради борбите.
Неименуван турски здравствен претставник изјави дека египетските власти и дале зелено светло на Анкара да изгради теренски болници во Ал Ариш, кој се наоѓа на околу 40 километри од границата со Рафа.