Резултатската криза во редовите на актуелниот италијанска фудбалски првак Наполи за време на паузата поради репрезентативните обврки ќе донесе смена на жешкото тренерско столче. Според итлијанските медиуми денеска тренерот Руди Гарсија ќе добие отказ, откако викендов Наполи неочекувано беше поразен и од Емполи (0:1) на „Диего Армандо Марадона“.
Првиот ќчовек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис нема да му прости на францускиот стратег Гарсија кој пристигна во Неапол летово и по 12 одиграни натпревари има дури 11 бода помалку од истото тоа време минатата сезона кога по пауза од 33 години беше освоена шампионската титула.
Како прв кандидат за наследник на Гарсија е хрватската легенда Игор Тудор. Тренерот кој моментално е без ангажман, а последната обврска до летоска ја имаше во Олимпик Марсеј. Италијанскиот фудбал за Тудор е домашен терен, бидејќи во калчолигашката конкуренција се прослави како играч на Јувентус, а потоа ги тренираше Удинезе и Верона. Покрај овие три тима, Тудор ги водеше уште Хајдук, ПАОК, Карабукспор и Галатасарај, а беше и асистент во Јувентус.