Пратениците Пети Перка и Евклидис Цакалотос од СИРИЗА, откако најавија дека ја напуштаат партијата, сега и официјално се вон пратеничката група, откако претседателот на групата со писмо го информирал претседателот на Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од најголемата грчка опозициска партија соопштија дека „пратениците мора веднаш да ги предадат своите пратенички места на СИРИЗА, како што е предвидено во Кодексот на однесување на кандидатите за пратеници“.
Двајцата пратеници, како што објавија грчките медиуми, немаат намера да ги вратат мандатите и планираат да останат независни пратеници.
Во тој случај, пратеничката група на СИРИЗА ќе остане со 45 од 47 пратенички места, колку што освои на последните избори во јуни годинава.