Австралија ќе упати национално извинување до сите граѓани погодени од трагедијата со „талидомид“, изјави во понеделникот премиерот Ентони Албанез, повеќе од половина век по раѓањето на децата со вродени дефекти бидејќи нивните мајки пиеле таблети против утринска мачнина.
„Талидомидот“ беше активна состојка во седативот кој беше широко дистрибуиран кај многу мајки во светот во раните 60-ти. Подоцна беше откриено дека предизвикува малформации на екстремитетите, цртите на лицето и внатрешните органи кај неродените деца.
„Трагедијата со ‘талидомид’ е темно поглавје во историјата на нашата нација и светот. Преживеаните, нивните семејства, пријателите и старателите со години храбро и уверено се залагаат за ова извинување. Овој момент е долгоочекуваното национално признание за сето она што го претрпеле и се бореле“, изјави Албанез.
Скандалот со „талидомидот“ предизвика ревизија на режимите за тестирање лекови во светот, но исто така го подигна профилот на американската Администрација за храна и лекови, која беше сама во своето цврсто одбивање да го одобри лекот, иако тој беше дистрибуиран во САД. Британската влада им се извини на жртвите во 2010 година. Се проценува дека „талидомидот“, кој го разви германската компанија „Груентал“, уби 80.000 деца во целиот свет уште пред да се родат, а уште 20.000 се родени со вродени дефекти.
Австралијка, која е родена без раце и нозе бидејќи мајка ѝ пиела „талидомид“, добила милионска спогодба во 2012 година од Diageo Plc, локалниот дистрибутер. Во 2010 година Diageo се согласи да плати 50 милиони австралиски долари на 45 жртви во Австралија и Нов Зеланд. Албанез ќе се извини и во парламентот на 29 ноември. Австралиската влада регистрирала 146 преживеани, иако точниот број на заболени не е познат.
„Со ова извинување ќе им оддадеме признание на сите оние бебиња што загинаа и нивните ужалени семејства, како и на оние што преживеаја, но чии животи беа отежнати од дејството на оваа страшна дрога“, рече Албанез.