На министрите на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ им бил понуден „нон-пејпер“ за Западен Балкан, поддржан од Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка, Грција, Италија и Словачка, објавија медиумите од регионот.
„Ние „пријателите на Западен Балкан“ имаме посебна одговорност да го држиме Западен Балкан високо на политичката агенда на ЕУ и да го поддржиме регионот на патот кон ЕУ“, се вели во нон-пејперот.
„Повикуваме да се зајакне и забрза пристапниот процес и ги повикуваме институциите на ЕУ да презентираат јасна програма за постепена и забрзана интеграција со конкретни чекори за имплементација до 2024 година и понатаму, врз основа на фер и ригорозни услови и принципот на сопствени заслуги“, се додава во документот.
Во нон-пејперот се наведува дека Западен Балкан е изложен на „дестабилизирачки фактори, како што се малигното влијание на трети земји, хибридните закани и илегалната миграција“.
Се наведува исто така дека ЕУ треба да даде нов поттик за подлабока соработка на полето на заедничката надворешна и безбедносна политика и да го зајакне дијалогот со земјите од Западен Балкан.
„Бидејќи очекуваме нашите партнери да се усогласат со надворешната политика на ЕУ, веруваме дека зголемениот дијалог ќе придонесе за подобро разбирање на позициите на ЕУ. Засилената соработка ќе не направи поефикасни во справувањето со надворешните притисоци и спротивставувањето на руските и другите штетни наративи кои се некомпатибилни со вредностите на ЕУ и меѓународниот поредок заснован на правила“, се додава во нон-пејперот.
Со цел зајакнување на соработката, седумте членки на ЕУ предлагаат, меѓу другото, министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан да бидат поканети на неформални состаноци на шефовите на дипломатиите на ЕУ најмалку еднаш на секои шест месеци, а амбасадорите на Западен Балкан да бидат поканети на состаноците на Политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ и исто така најмалку еднаш на секои шест месеци.
Тие се посветени и на зајакнување на соработката во областите на критичната инфраструктура и сајбер безбедноста, како и натамошна поддршка на земјите од Западен Балкан во областа на одбраната во рамките на Европскиот инструмент за мир.