Панел-дискусија „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“

Панел-дискусија на тема „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“  ќе се одржи денеска во просториите на Општина Штип, во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување  – ХЕРА и Бирото за развој на образованието (БРО).

Најавени се обраќања на заменик-амбасадорот на Франција, Емануел Гардиј,   градоначалник на Штип Иван Јорданов и на претседателката на ХЕРА Румена Ѓердоска Којчески.

– Со оглед на тоа што целта на настанот е да се отвори дијалог за потребите, можностите и предизвиците за натамошна интеграција на училишните содржини коишто би придонеле кон унапредување на превенцијата и заштитата од насилство, а со тоа и кон подобрување на менталното здравје на младите, учество ќе земат психологот Ана Попризова, Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ и Ајше Ајрулаи од БРО, најавуваат организаторите.

Тие истакнуваат дека во последните години сè позагрижувачка е состојбата со сексуалното и репродуктивното здравје и со социјалната благосостојба на младите кај нас.

– Бројот на малолетнички раѓања е речиси трипати поголем отколку во земјите на Европската Унија, а младите релативно порано стапуваат во прв сексуален однос, во споредба со нивните врсници од западноевропските земји. Притоа, со само 14 отсто од младите на возраст меѓу 20 и 24 години кои користат некакво модерно контрацептивно средство, РС Македонија е меѓу земјите со најниска стапка на употреба на модерна контрацепција во Европа, објаснуваат од ХЕРА и БРО.

Според нив, не помалку алармантна е и ситуацијата со менталното здравје на младите.

– Дури 52 отсто од нашите девојчиња и 29 проценти од момчињата на 15-годишна возраст страдаат од повеќе психосоматски симптоми истовремено, неколку пати неделно. Младите на возраст меѓу 15 и 18 години се и најизложени на насилство во споредба со другите возрасни групи во држава, посочуваат организаторите. 

Треба да знаете
Последни објави