Интегрален текст од прес-конференција на Трајче Стојчевски, советник во Советот на општина Штип и потпретседател на СДММ:
Почитувани граѓани,
Двегодишниот мандат на градоначалник Иван Јорданов, единствено што го карактеризира сѐ различни афери и основани сомненија поврзани со негови блиски луѓе и сопартијци.
По скандалот со Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова Ангелова и нејзината дивоградба, скандалот со јавна набавка во детската градинка “Астибо”, скандалот со проневера на нафта во којшто беше вмешан близок човек на Иван Јорданов, во јавноста се проширија информации за нов обид на градоначалникот Јорданов да ги задоволи потребите на своите партиски луѓе, но и луѓе со коишто има роднинска врска.
Имено, во ЈП “Исар” Штип јавната набавка за храна ја има добиено фирма во којашто близок роднина (или поточно зет за ќерка) е лицето Методи Јорданов, чиишто кум му е токму градоначалникот Иван Јорданов.
За сомнежот да е уште поголем, лицето Методи Јорданов коешто е во роднинска врска и со фирмата и со градоначалникот Јорданов, е член на Управниот одбор на претпријатието ЈП “Исар”.
Затоа прашуваме, дали постои основ за судир на интереси и дали Јорданов со тендери од илјадници евра ги “чести” своите блиски сопартијци и луѓе со којшто е во роднинска врска?
Дополнително во јавноста се шири информација дека истата фирма треба да ги купи дуканите од јавното претпријатие Исар.
Затоа како советничка група на СДСМ и коалицијата во наредните денови ќе поднесеме пријава и ја повикуваме Државната комисија за спречување корупција да го истражи случајот, дали постои основ за судир на интереси.