Словачкиот министер за одбрана Роберт Калиниак го информирал генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека неговата земја веќе нема да испорачува оружје и муниција на Украина, соопшти словачкото Министерство за одбрана.
„Словачкиот министер за одбрана Роберт Калиниак во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и по тој повод го информираше за завршувањето на воената помош за Украина од магацините на Словачките вооружени сили“, соопшти словачкото Министерство за одбрана.
Меѓутоа, Словачка ќе продолжи да ја поддржува Украина со широк спектар хуманитарна помош и техничка поддршка, чија употреба не доведува до смрт, се наведува во соопштението и се додава дека новата одлука на словачката Влада е почитувана од земјите партнери во НАТО.
Одлуката за прекин на испораките на државна воена помош за Украина ја донесе владата на словачкиот премиер Роберт Фицо, која стапи на должноста на 25 октомври.