Американскиот претседател Џо Бајден го нарече кинескиот претседател Си Џинпинг „диктатор“ непосредно по нивната вчерашна средба во близина на Сан Франциско и само неколку дена откако тој наведе дека би сакал да ги подобри каналите за комуникација преку директна телефонска линија меѓу двајцата.
– Тој е диктатор во смисла дека раководи со земја, која е комунистичка и има сосема поинаква форма на владеење од нашата, наведе Бајден на прес-конференцијата по средбата со Си.
Кинеското Министерство за надворешни работи жестоко реагираше на денешниот коментар на Бајден за Си, нарекувајќи го крајно погрешна и неодговорна политичка манипулација.
– Секогаш ќе има злонамерни луѓе кои ќе се обидат да внесат клин во кинеско-американските односи, но нема да успеат, изјави на прес-конференција портпаролката на министерството Мао Нинг.
Бајден, исто така, во јуни го нарече Си „диктатор“, откако САД соборија наводен кинески шпионски балон неколку месеци претходно.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи тогаш го нарече говорот на Бајден „апсурден и неодговорен“.