Неколку лица се повредени во тепачка меѓу бугарски навивачи и полицијата пред натпреварот Бугарија-Унгарија

Неколку лица се повредени во судирите меѓу навивачите и бугарската полиција во Софија пред квалификацискиот натпревар од групата Г за ЕП 2024 меѓу Бугарија и Унгарија, пишуваат бугарските медиуми.

Навивачите на неколку бугарски клубови попладнево се собраа во близина на стадионот „Васил Левски“, каде во 18 часот започна натпреварот меѓу Бугарија и Унгарија кој се игра без публика.
Навивачите групно се упатија кон стадионот, но бугарската полиција ги спречи да се приближат до спортскиот објект бидејќи поставуваа кордони.

Околу 17:40 часот по средноевропско време дошло до судири меѓу навивачите и полицијата. Навивачите почнале да фрлаат ракети и тврди предмети кон полицијата, која одговорила со водени топови. Локалните медиуми јавуваат дека има повредени на двете страни.

Бугарските навивачи протестираат против претседателот на ФС на Бугарија Борислав Михаилов и бараат негова оставка. Бугарските навивачи сметаат дека Михаилов е еден од главните виновници за лошите резултати на бугарската репрезентација.

Протести биле организирани и пред седиштето на Министерството за спорт, каде група навивачи бараат оставка од првиот човек на Бугарската фудбалска федерација.

Фудбалерите на Бугарија со два бода се на последното место на табелата од групата Г од квалификациите за ЕП 2024 година.

Треба да знаете
Последни објави