Унгарија се пласираште на ЕП благодарение на автогол на бугарски репрезентативец

Унгарската фудбалска репрезентација обезбеди пласман на Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија, бидејќи вечерва во Софија одигра без победник 2:2 во натпреварот од групата Г на континенталниот шампионат.

Головите за Бугарија ги постигнаа Спас Делев во 24. минута и Кирил Десподов во 79. минута од пенал. Стрелци за гостите беа Мартин Адам во 10. и Алекс Петков со автогол во седмата минута од судиското надополнување. По завршувањето на натпреварот имаше големо славје на унгарските фудбалери кои ќе настапат на Европското првенство во 2024 година.

Првото место на табелата од групата Г го држи Унгарија со 15 бодови, додека Србија е втора со 13. Црна Гора е трета со осум, додека Литванија собра шест. Бугарија е последна со три бода.

Репрезентациите на Бугарија и Унгарија го завршија натпреварот со по 10 играчи. Бугарскиот фудбалер Валентин Антов беше исклучен во 37. минута, а унгарскиот репрезентативец Милош Керкез во 57. минута.

Натпреварот во Софија се одигра без присуство на навивачи. Пред и за време на натпреварот бугарски навивачи се судрија со полицијата низ цела Софија, а во таа прилика според последните информации повредени се најмалку 12 лица. Бугарските навивачи протестираа против челниците на ФС Бугарија, сметајќи ги најодговорни за лошите резултати во квалификациите за ЕП 2024 година.

Во недела ќе се играат натпреварите од последното коло во групата Г, а ќе се сретнат: Србија – Бугарија (15) и Унгарија – Црна Гора (15). Пласман на ЕП ќе добијат двете најдобро пласирани селекции од групата.

Треба да знаете
Последни објави