Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Скопје го отвори 20-тиот јубилеен Министерски состанок на кој учествуваат министри за одбрана и високи претставници на земјите – членки и земјите – набљудувачи на САД – Јадранската повелба.
На отворањето, министерката истакна дека успехот на САД-Јадранската повелба е видлив затоа што со интеграцијата на четири земји од А5 во НАТО значително се зајакна безбедноста и се засили соработката помеѓу земјите во регионот. Овие земји, рече Петровска, даваат свој придонес и во колективната безбедност на Алијансата, а наша одговорност е да продолжиме со поддршка на патот на останатите земји аспиранти од регионот кон евроатлантската и европската интеграција.
Министерката порача дека геополитичкиот пејзаж се менува брзо и дека во овие предизвикувачки времиња императив е да ја препознаеме меѓусебната поврзаност на нашата безбедност. Нашата способност ефективно да одговориме на повеќеслојните предизвици со кои се соочуваме, рече, зависи од нашиот капацитет да создаваме партнерства и поуспешна соработка. Петровска истакна дека регионалната соработка значи градење на мостови и создавање на заедничка визија за сигурна и просперитетна иднина, укажувајќи дека сега е време да се носат одлуки и да се испорачаат резултати.
Безбедноста на една земја е суштински поврзана со безбедноста на сите нас, рече министерката која се заблагодари на Соединетите Американски Држави за нивната силна поддршка и мотивација за заокружување на евроатлантските и европските интеграции на земјите од регионот.
На состанокот освен министерката Петровска како предводник на македонската делегација и помошник секретарката за одбрана на САД, Селест Валандер, учествуваат и министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, заменикот-министер за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ, раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во хрватското Министерство за одбрана, Игор Габриќ, додека од земјите набљудувачи на состанокот учествуваат министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, државниот секретар во Министерство за одбрана на Србија, Немања Старовиќ и заменик-генералниот директор во Министерство за одбрана на Словенија, Аљоша Селан.