Во Скопје прв регионален министерски состанок за Планот за раст на Западен Балкан

Во Владата на Северна Македонија денеска ќе се одржи првиот состанок за Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст што беше објавен од Европската комисија на почетокот на овој месец.

На состанокот е најавено присуство на министри од земјава, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово и на високи претставници од Директоратот за проширување на ЕК.

Министерскиот состанок ќе го отворат министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформа и раст пред министрите за финансии и економија ќе ги претстави генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија  Герт Јан Копман.

Состанокот се одржува со цел презентирање на Планот за раст од страна на DG NEAR и отворена дискусија со министрите од регионот за можностите максимално да се искористи ново дизајнираниот План за раст, во насока на зајакнување на кохерентноста на политиките и усогласување на помошта на ЕУ со домашните реформи и расположливи ресурси, информира Министерството за финансии.

Во фокусот ќе бидат реформите што се клучни за унапредување на економскиот и социјалниот развој во наредниот четиригодишен период, особено во делот на енергетската транзиција, бизнис окружувањето, животната средина, дигитализацијата, образованието и човечкиот капитал.

Во тој контекст и инвестициските приоритети.

Планот за раст на Западен Балкан е нов инструмент на ЕК којшто треба да овозможи поврзување, поддршка на реформите и финансиска поддршка во вид на грантови и поволни заеми, со цел создавање поволни економски услови за граѓаните и бизнисот и побрза конвергенција и интеграција во ЕУ.

Планот се базира на четири столба кои се насочени кон забрзување на економската интеграција од земјите во регионот во Единствениот пазар на Европската унија, како и зајакнување на економската интеграција во Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар, а преку спроведување на социо-економски и  фундаментални реформи,  за што на земјите им се ставаат на располагање шест милијарди евра во рамки на Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.

Треба да знаете
Последни објави