Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска го посети Здравствениот дом Куманово каде заврши процесот на реновирање, со цел обезбедување современи услови за работа какви што пациентите и здравствените работници заслужуваат.
-Денеска сум во посета на Куманово, каде се реализирани повеќе реновирања. Извршена е замена на прозори, монтажа на централно греење, опремени се со нов мебел, Брзата помош и детскиот оддел, а стоматолошката амбуланта има нови работни столови. Заменети се покривите и на амбулантата „Тоде Мендол” која е дел од Здравствениот дом во Куманово, соопшти Меџити.
Во текот на посетата Меџити информираше дека Здравствениот дом доби и нови апарати за ЕКГ, аудиометар и апарат за офталмолошки скрининг на кој ќе се вршат проверки за способност за гледање за кандидати за возачки дозволи, вработувања, едукација и систематски прегледи.
Процесот на реновирање, кој значајно ќе го подобри квалитетот на здравствената заштита која Здравствен дом Куманово ја обезбедува траеше една година, а инвестицијата е над 11,3 милиони денари.