Амазон го зголемува притисокот врз корпоративните вработени кои не го почитувале барањето на компанијата за враќање во канцеларија.
Вработените кои не се придржуваат до политиката, која бара вработените да бидат во канцеларија најмалку три дена во неделата, можеби нема да добијат унапредување, било соопштено во објавата на интерната веб-страница на Амазон до која имаше увид CNBC.
Бред Гласер, портпарол на Амазон, ја потврди објавата.
„Унапредувањата се еден од многуте начини со кои го поддржуваме растот и развојот на вработените, а има различни фактори што ги земаме предвид кога ја одредуваме подготвеноста на вработениот за следното ниво“, изјави Гласер за CNBC. „Како и секоја компанија, очекуваме вработените на кои се размислува за унапредување да работат во согласност со упатствата и политиките на компанијата.
Тензиите се разгореа меѓу Амазон и некои од нејзините околу 350.000 корпоративни вработени откако компанијата почна да се враќа во канцеларија. Во мај, Амазон почна да бара вработените да работат во канцелариите најмалку три дена во неделата, напуштајќи ја политиката од ерата на Ковид, што им препушташе на индивидуалните менаџери да одлучат колку често членовите на тимот треба да бидат присутни во канцеларија.
По ваквото барање, група вработени излегоа во знак на протест пред седиштето на компанијата во Сиетл. Вработените, исто така го критикуваа Амазон за отпуштањето на 27.000 луѓе како дел од кратењата на работните места што започнаа минатата година.
Вработените доставија интерна петиција во која го повикуваа извршниот директор Енди Џеси да се откаже од барањето за враќање во канцеларија, но компанијата не отстапи. Во последниве месеци, Амазон информираше некои вработени дека мора да се преселат во центрите на централните канцеларии во различни држави ако сакаат да ги задржат своите работни места, што натера некои да дадат отказ.