Кршливи нокти, ладни раце и нозе, чувствителност на студ, депресија, отежнато голтање, болки во грлото, сува кожа и коса, замор, засипнатост, вишок тежина, слаба меморија и концентрација, неправилни менструални циклуси, неплодност… сето тоа може да бидат симптоми на недостаток на јод во телото.
Човечкото тело не може да складира или создава јод, но тој мора да се консумира секојдневно преку храна и вода. Дневните потреби на јод, според Светската здравствена организација, изнесуваат од 150 до 300 микрограми во зависност од возраста, при што децата до дванаесет години треба да консумираат до 120 микрограми дневно.
Храната содржи многу малку природен јод, а бидејќи солта не е здрава во големи количини, треба да се свртите кон други, поздрави природни извори.
Особено е важно да се внесува јод од храната за време на бременоста и доењето, за да се обезбеди здравјето на бебето. На трудниците им се препорачуваат 200 микрограми јод дневно. Децата на мајките кои не консумирале доволно јод за време на бременоста може да имаат потешкотии со слухот и говорот, додека во најтешките случаи недостатокот на јод предизвикува ретардација во физичкиот и менталниот развој.
Јодот е важен минерал кој е потребен за правилно функционирање на тироидната жлезда и производство на хормони кои регулираат многу телесни процеси. Ако не внесувате доволно јод преку исхраната, може да имате различни здравствени проблеми, како што се отекување на тироидната жлезда или гушавост, што е видливо како грутка на вратот, што се случува кога тироидната жлезда се обидува да го надомести недостигот на јод, но и губење на косата, проблеми со меморијата и концентрацијата, нередовни менструални циклуси, зголемување на телесната тежина.
Кога нивото на тироидните хормони е многу ниско поради недоволно внесување на јод, може да дојде до микседем, односно отекување на лицето, рацете и нозете, забавено дишење, низок крвен притисок, ниска телесна температура, кома и на крајот смрт.
Премногу јод
Како и во сè, со земање јод не треба да се претерува. Премногу јод во храната може да биде штетно. Вишокот на овој минерал е особено опасен за здравјето на луѓето кои страдаат од хипертироидизам (болест предизвикана од прекумерно производство на тироидни хормони) и автоимуни болести на тироидната жлезда, како што е тироидитисот на Хашимото.
Некои од симптомите на зголемена концентрација на јод во организмот се промени на кожата (акни и осип), дијареа, повраќање, болки во стомакот, главоболка, треска, гадење, метален вкус во устата, кивање…
Во такви случаи, треба да избегнувате храна која содржи јод, како што е јодирана сол.
Природни извори на јод
За да добиете оптимална количина на јод преку храната, збогатете го менито со морска риба, ракчиња, школки и други морски плодови.
Храна богата со јод се и јајца, млеко и млечни производи, месо, тофу сирење и соја сос.
Брусница, малини, банани, компири, грав се само дел од намирниците богати со јод. Незрелите зелени ореви се познат рецепт од народната медицина за недостаток на јод. Покријте ги младите ореви со домашен мед за да ја потиснете нивната горчина. Конзумирајте ги секој ден и ќе спречите недостаток на јод во организмот.