Македонската фудбалска репрезентација загуби на гостувањето во Италија во квалификациите за пласман на ЕП 2024 година со 5-2.
Италија до победата стигна благодарение на одличната игра во првиот дел и лошата игра на нашата репрезентација што доведе до три гола во мрежата на Димитриевски.
Дармијан во 17. минута по центаршут од левата страна донесе предност. Во 40. минута досуден пенал за „азурите“ после играта со рака на Серафимов. Жоржињо шутираше, но Димитриевски одбрани, а во истата акција Киеза со шут од далечина ја носи Италија на 2-0. Истиот играч во третата минута од судиското надополнување со шут и со помош на Манев успеа да го совлада Димитривски за предност од 3-0.
Селекторот Благоја Милевски се реши на замени во вториот дел. Атанасов кој влезе во 46. минута со глава го совлада Донарума најпрво во 52. минута, а потоа и со удар од далечина и со помош на Ачерби го совлада вторпат италијанскиот голман и намали на одлични 3-2.
Меѓутоа Италија преку Распадори во вистински момент постигна гол во 81. минута по една добра акција, а печат на победата стави Ел Шарави во судиското надополнување за радост на италијанските фанови.
Сега на Италија ќе им треба само бод на гостувањето кај Украина на неутрален терен во Леверкузен за да дојдат до пласман на ЕП. Од групата Англија веќе обезбеди пласман на ЕВРО 2024, а вечерва Англичаните го совладаа составот на Малта.
Во последното коло Македонија во Скопје ќе ја дочека Англија.