17 ноември е Светски ден на предвремено родените бебиња и тој се одбележува и во Македонија, а Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје, има на што да биде горда на овој ден.
Од година в година, Клиниката бележи постојат пад на смртноста на превреме родените бебиња.
Според информациите, оваа година од први јануари, па до 14ти ноември, , вкупната смртност на прематурчиња и на критично болни новороденчиња на ЈЗУ У ГАК е 5,6 проценти, со тенденција и понатаму истата да паѓа.
Тоа, споредено со претходните години е значителен пад.
Ако се погледне наназад, процентот на смртност изгледал вака:
2016 година – 25%
2017 година – 21%
2018 година – 16%
2019 година – 12%
2020 година – 11,1%
2021година – 8,9%
2022 година – 8,2 %
2023 година – 5,6%
„Прематуритетот останува глобален проблем и водечка причина за смртност на деца до петтата година, додека дел од преживеаните деца се борат со тешки компликации по здравјето. Бројките зборуваат за драстичен пад на процентот на смртност кај предвремено родените бебиња, на што сме особено горди, а тоа се должи на навистина огромниот ангажман на целиот персонал од одделот за неонатална интензивната нега (ОИНТ) и на сериозната инвестиција во персонал, знаење и во најсофистицирана и најсовремена апаратура. Прочистениот број на смртност (предвремено родени бебиња над 26 гестациска недела) годинава е 1,38%, а 2022 година ја завршивме со 2,4 %.
За одбележување е дека во наведениот период од 2023 година, во добра здравствена состојба дома заминаа 6 прематуруси родени во 26 гестациска недела, едно во 25 гестациска недела и два родени во 24 гестациска недела. Нашата држава сериозно се доближува до најразвиените земји во светот кога станува збор за преживување и на предвремено родените новороденчињата со најмала гестациска недела и тежина“ велат од ГАК, додавајќи дека се соочуваат со недостаток на персонал како педијатри и медицински сестри.
Д-р.Рената Димитриовска – началник на одделението за интензивна нега и терапија, посочи и на примената на нови методи кои почнуваат да се применуваат и на интензивната нега на ГАК.
Според неа, ГАК континуирано ги следи препораките на СЗО со што се приближува кон светското семејствона достигнувања и Клиниката полека, но сигурно почнува да го имплементира процесот на кенгурирање, најбитниот момент и контакт помеѓу предвреме роденото бебе и родителите.