На следните избори ќе имаме два навистина јасни избори, или да бираме да биде полноправна членка на ЕУ или да се вратиме назад во неизвесност, рече потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во вестите на телевизија Сител.
Костадиновска Стојчевска истакна дека СДСМ ќе ги земе предвид сите аспекти при дефинирање на датумот за изборите заедно со сите коалициските партнери.
Имаме уште време да се заклучи ова прашање, во овој момент секоја партија одлучува во своите партиски органи. Како водечка во владата и коалицијата СДСМ е во комуникација со сите коалициски партнери, но рано е да се кажат детали, рече Костадиновска Стојчевска.
Во врска со тензиите околу поставувањето на крстот на Попова Шапка, Костадиновска Стојчевска рече дека граѓаните се освестени на многу повисоко ниво, национализмот повеќе не пали, но дека станува збор за предизборни пазари меѓу опозициските партии.
Се работи за потценување на чувствата на граѓаните, нешто што е минато, како земја која стреми да биде полноправна членка на ЕУ, која се гордее со негувањето на мултикултурализам, ваквиот потег не прилега на ниту еден инволвиран, истакна Костадиновска Стојчевска.
Костадиновска Стојчевска нагласи дека сега културата е слободна, да твори, министерството за култура додека СДСМ го води, не се мешало и нема да се меша во програмските политики на ниту една култруна институција
Во културата, политиката мора да стои на страна. Порано имавме обиди преку културата да се влијае политички, да се влијае врз свеста на народот и да се влијае на носење одлуки, а на крајот видовме дека тоа не беше за некое поголемо добро, туку само за полнење џебови на поединци, порача потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во вестите на телевизија Сител.