Со цел да се сврти вниманието кон незапирливото покачување на нивото на светските мориња, а во пресрет на големиот меѓународен настан посветен на климатските промени, агенцијата Кристијан Еид објави анализа на загрозените градови во крајбрежната област. Според нивните податоци, се очекува во следните неколку години нивото на морето да се зголеми за повеќе од 40 сантиметри, доколку границата на глобалното затоплување го надмине нивото од 1,5 степени Целзиусови, објави Индипендент.
„Повеќето луѓе сè уште не ја знаат опасноста во која се наоѓаат“, напиша експертот за клима Питер Калмус на платформата X.
Главниот град на Велика Британија сега е меѓу „најранливите“ градови во светот. Според прогнозите на научниците, веќе во 2030 година, Лондон може да биде погоден од чести и долготрајни поплави кои на крајот ќе го избришат целиот град од лицето на земјата.
Проблемот со кој може да се соочи Лондон не е последица на најновите случувања кога станува збор за глобалното затоплување. Ваквата драматична ситуација „има свои корени“ уште од последното ледено доба, кога глечерите што ја оптоварувале Шкотска се преселиле на југ, каде постепено се стопиле и предизвикале поплави.
Во меѓувреме, бројни научници предупредуваат дека Антарктикот полека, но сигурно се претвора од „земјен фрижидер“ во „радијатор“ и дека во текот на 2023 и 2024 година ќе бидат соборени сите рекорди на топлина од прединдустриското време.
„Ова е суровата реалност на климатските промени и предвесник на иднината“, рече генералниот секретар на СМО Петери Талас.
Лошите прогнози не се однесуваат само на британската престолнина, туку и на другите градови кои се оддалечени помалку од 100 километри од крајбрежјето. Хјустон, во Тексас е исто така ранлив на поплави поради глобалното затоплување и зголемувањето на нивото на морето, како и Бангкок, Манила, Џакарта, Лагос и многу други. Некои веруваат дека поплавите ќе ги потопат дури и Њујорк, Шангај и Токио. Овие прогнози се однесуваат на речиси половина од светското население, бидејќи многу луѓе живеат во градови во близина на морето.
„Нивото на океаните се зголемува со многу алармантна брзина, а во последните 100 години се забележани рекордни 17 сантиметри раст. Веќе во блиска иднина, градовите на мала надморска височина, па дури и цели земји можат да исчезнат од лицето на земјата“, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.