Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека постои силен меѓународен притисок против војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас.
Во изјавата што изгледаше како одговор на гневот на јавноста дека Израел дозволил да се испорачува гориво во Газа и покрај тоа што вети дека нема да го направи тоа, Нетанјаху рече дека земјата ги игнорирала барањата на странските лидери, вклучително и противењето на копнената инвазија и влегувањето во болницата Ал-Шифа во градот Газа.
Нетанјаху рече дека многу „ја цени поддршката на САД“ и додаде дека земјата постојано испраќа клучно оружје и одбранбена опрема во Израел.
Тој додаде дека му рекол на светот дека Израелците ќе се борат додека Хамас не биде уништен и дека ИДФ (Израелските одбранбени сили) секогаш го следат меѓународното право.
Дополнително, тој оцени дека хуманитарната помош за Газа е клучна за продолжување на војната против Хамас, а без неа ќе има помала меѓународна поддршка за воената кампања на Израел.
„Затоа воениот кабинет едногласно се согласи кога ИДФ и Шин Бет (Израелската служба за безбедност) извршија притисок да се дозволи испорака на гориво во Појасот Газа“, рече Нетанјаху.
Израелскиот лидер алудираше на вчерашната одлука на Воениот кабинет за испорака на 140.000 литри гориво во Газа на секои 48 часа.
Најголемиот дел ќе биде наменет за камиони на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), кои носат хуманитарна помош, и за десаланизација на вода, пумпи за вода и канализација, депонирање цврст отпад, пекари и болници.
Дел е наменет за генератори што ги користи палестинската телекомуникациска компанија Палтел за обновување на телефонските и интернет врските. Првата пратка пристигна денеска.
Во последните денови, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги предупреди израелските министри на закана од „голема катастрофа“ доколку Израел не го исполни принципиелниот договор за испраќање гориво во Газа, постигнат со Нетанјаху и Воениот кабинет.