„Еуроникел Индустри и неговиот акционер со месеци го креваат алармот за сериозната финансиска тешкотија во која се наоѓа компанијата. Почнувајќи од екстремната енергетска криза минатата година и многу нестабилните пазари оваа година, како и 7-месечното исклучување на печката од 2022 година и повторното отворање на производните погони во април 2023 година, фабриката во Кавадарци и светскиот пазар на никел се во многу тешка ситуација. Цените на никелот годинава паднаа за 40 отсто, додека цените на енергенсите остануваат високи“, информираат од компанијата
Оттаму посочуваат дека Еуроникел се соочува и со проблеми предизвикани од главниот снабдувач и клиент, со нестабилни и минимални нарачки за купување на производот од моментот на рестартирање на фабриката во април 2023 година, што го наруши редовното производство на фабриката, одржувајќи ги трошоците високи и загрозувајќи ја нејзината иднина.
Од компанијата информираат дека акционерот на ГСОЛ инвестираше над 3,5 милиони долари во Еуроникел само во 2023 година, за да се осигура дека платите ќе бидат исплатени како и да се одржи производството. Сепак, постојаниот добавувач ArrowMetals & Trading AG во октомври 2023 година целосно и еднострано ги прекина испораките на суровина и ги сопре нарачките. Наместо тоа, Еуроникел се соочува со неосновани побарувања и судски спорови од овој деловен партнер.
Притоа, со цел да се спаси компанијата и да се обезбеди најдобар исход за сите засегнати страни, вклучително и за вработените, добавувачите и целокупната економија на Северна Македонија, ГСОЛ инвестираше 1 милион долари во текот на последните недели, со цел да се обезбеди печката да остане вклучена и платите на вработените да се исплаќаат.
„Во насока на барање на потенцијално решение, во овој период ГСОЛ ги понуди акциите на Еуроникел за минимален износ на најголемиот доверител (банка), како и на г-дин Константинос Даскалакис и неговата група компании кои изразија интерес да го купат Еуроникел. Константинос Даскалакис и неговите соработници, г-дин Арвинд Мундра и г-дин Џон Вотерс, покрај интересот да го купат Еуроникел преку нивната компанија EuroNickel Holding AG во Швајцарија, изразија и интерес да го одржат работењето на компанијата и да ја задржат вклучена печката.
Разбираме дека се во тек преговори помеѓу банката доверител и г-дин Даскалакис со цел да се најде решение за иднината на фабриката. Еуроникел и неговиот акционер ГСОЛ ги поддржуваат сите конструктивни разговори и активности кои можат да ја обезбедат иднината на компанијата и ги повикуваат сите засегнати страни да придонесат за одржливо долгорочно решение за фабриката“, велат од компанијата.