Лидерите на 21 земја од Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) по самитот во Сан Франциско претставија заедничка декларација во која не се споменува осудата на војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Како што пренесуваат странските агенции, текстот на заедничката декларација на АПЕК се разликува од минатогодишните заклучоци од самитот на организацијата во Бангкок, кога мнозинството членки ја осудија „руската агресија врз Украина“, побараа повлекување на руската армија од територијата на Украина и изјавија дека „оваа војна предизвика негативно влијание врз светската економија“.
Во посебна изјава, САД се осврнаа на војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас, наведувајќи дека „одредени лидери биле против“ вклучувањето на двата настани во заклучоците од самитот во Сан Франциско.
Членките на АПЕК по самитот во Сан Франциско изјавија дека земјите-учеснички размениле мислења за актуелната криза во Појасот Газа и дека не е постигнат консензус во однос на конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Ставот на некои од членките беше дека „АПЕК не е форум каде треба да се разговара за геополитички прашања“.
Претставниците на Брунеи, Индонезија и Малезија во АПЕК повикаа на „итен прекин на воените операции во Газа и итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“.
Лидерите на земјите-членки на АПЕК во заедничката декларација заклучија дека е неопходно да се посвети посебно внимание на климатските промени, но и да се поттикне „транспарентно и инклузивно деловно опкружување во светот“.
Членките на АПЕК изјавија и дека целта е поголемо учество на жените во работата на организацијата, како и дека во наредниот период ќе бидат посветени на борбата против родовото насилство.
Во заклучокот се наведува дека членките заедно ќе се борат против корупцијата и незаконското движење на капиталот.
АПЕК е меѓународна организација, основана во 1989 година, со цел да ја промовира слободната трговија меѓу земјите членки.
Земји членки се Австралија, Брунеи, Канада, Чиле, Кина, Хонг Конг, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Филипини, Русија, Сингапур, Тајван, Тајланд, САД и Виетнам.