„Универзаланата сала сѐ уште е под надлежност на Град Скопје. Се надевам дека одложувањето на предавањето на правото на реконструкција на Министерството за култура, не е предмет на политички пазар, но Универзална сала не е предадена на Министерство за култура, односно сѐ уште не е спроведена Одлуката на Советот на Град Скопје која е донесена пред два месеци.
Комуникацијата е на техничко ниво при што оттаму понудија видоизменет договор кој што се коси со Одлуката, во која се вели дека правото на реконструкција се пренесува на Министерството за култура, и дека по завршување на реконструкцијата, Министерството ќе го врати објектот на Градот “, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вечерашното издание на „Тема на денот” на Сител телевизија.
Костадиновска-Стојчевска рече дека Министерството за култура го видоизмени понудениот договор од Градот Скопје, и дека се чека одговор. Таа изрази уверување дека овој усогласен предлог-договор на Минситерството со сите релевантни правни чинители ќе биде прифатен и конечен, и дека граѓаните на Скопје, на државата и културната јавност ќе го добијат толку потребниот објект.
„Културата одамна е излезена од политиката и особено тоа може да се види дека се случува последните неколку години, со тоа што културата е слободна да делува, да твори, односно културните работници се слободни да делуваат, онака како што сакаат”,рече министерката за култура.
За состојбата со објектот на Македонскиот народен театар, Костадиновска-Стојчевска рече дека е тоа посебна приказна, зашто дури пред една година Министерството за култура успеа да ја добие техничка документација, и посочи:„ Она што како Министерство ни отежнува во тоа каде точно треба да интервенираме, за да не ги немаме истите проблеми при секој дожд е тоа што ниту една од фирмите кои што го граделе МНТ веќе не постоајт. Сите се под стечај. МНТ е национална установа која со својата важност не ни дозволува да ја затвориме и да ја дислоцираме. Секоја година и преку Годишната програма, и интервентно вложуваме во одржување на објектот кој е пуштен во употреба пред помалку од 10 години, а се руинира”.
На прашањето околу пропаѓањето на Поштата, која беше опожарена во 2013 година, и е прогласена за европско културно наследство, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека ја поддржува иницијативата на Европската куќа за актуелизација на ова прашање и додаде:„ Тешко воспоставуваме соработка со АД Пошта, очекуваме и апелираме Управниот одбор да ја донесе потребната одлука и да овозможи реконструкција на Шалтер салата, искористување на грантот на Европската инвестициона банка и обновување на овој простор кој е од непроценливо значење за културата на нашата држава.”