Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на конференцијата во Бахреин оцени дека „Хамас повеќе не може да го контролира Појасот Газа“.
Борел додаде дека палестинските власти му кажале дека се „подготвени да ја преземат таа одговорност“ со помош на меѓународната заедница.
Тоа ќе бара и силно учество на арапските земји и економски и политички, рече Борел.
Министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади, сепак, најави дека нема да има „арапски војници во Газа“ и предупреди на секој обид за раселување на населението на палестинската територија, каде што повеќе од две третини од 2,4 милиони жители се веќе внатрешно раселени од војната, според бројките на ОН.
Јордан и Египет, кои се граничат со Израел и имаат мировни договори со таа земја, никогаш нема да дозволат тоа да се случи, рече Сафади.
Тој оцени дека тоа не само што ќе биде воено злосторство, туку и директна закана за националната безбедност.
Израелските медиуми објавија дека Израел ја отфрлил идејата палестинската управа да владее со Газа по војната, укажувајќи на одбивањето на палестинскиот претседател Махмуд Абас да ги осуди нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври и фактот дека продолжува да им плаќа на палестинските екстремисти во израелските затвори.
Во тие напади загинаа над 1.200 луѓе, повеќето цивили, а околу 240 заложници беа однесени во Газа. Во израелското бомбардирање загинаа 12.300 Палестинци, меѓу кои 5.000 деца во Појасот Газа.