Пред да стане градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска пред граѓаните ветуваше унапредување на велосипедската инфрастуктура низ градот, но денес, две години од нејзиниот мандат, се чини дека слабо и оди на тоа поле.
Во Скопје навистина се реконструираат и пробиваат улици, но ретко која од нив има функционални или какви било велосипедски патеки.
Последен пример е реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ кај железничката станица и Транспортент центар, каде покрај новиот афалт и сообраќајна сигнализација, не постои никаква велосипедска патека, а место на тротоарите едвај има и за пешаците.
Град Скопје во мандат на Арсовска успеа да ја пробие и доврши улицата „Есенинова“ но оваа важна сообраќајница која ги поврзува Аеродром и Кисела Вода, исто така е без велопатеки.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2023/11/b97a68c1-94ef-4e0e-ab24-104255c9d93c-1024x533.jpeg)
Слична судбина имаше и улицата „Рузвелтова“, која исто така беше реконструирана оваа пролет, но ниту таму Арсовска не помислила на велосипедистите кои мора да возат меѓу тротоарот и првата лента која често е зафатена со паркирани автомобили.
И онаму каде што има велосипедски патеки, тие често се узурпирани и нефункционални
Но и онаму каде што се поставени нови велосипедски патеки, тие често пати се нефункционални, затоа што поради големото растојание меѓу столбовите, возачите на автомобили ги користат како паркизни.
Последен таков пример е улицата „Лондонска“ во скопско Тафталиџе каде само по 24 часа од реконструкцијата, велосипедската патека е претворена во паркинг.
Таков е и делот од 500 метри реконструираниот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ кој Град Скопје го реконструираше повеќе од пет месеци. И таму велопатеките служат за „привремени“ паркинзи за автомобилите.
Сето тоа се случува во делови од градот кои гравитираат околу центарот, во населбите во периферијата ситуацијата е уште полоша, што доведува до револт кај граѓаните, особено оние што во најголем дел од времето се движат со велосипеди, но од неодамна и со електрични тротинети.