Македонија е земја која има мала количина на отпад според европските параметри, но доволно голема за да ја „поклопи“ државата, велат оние кои ја владеат материјата.
Причината е пред сè поради тоа што општеството ниту има традиција ниту пак навика за рециклирање и селектирање на отпадот, па истиот се натрупува.
Причина за оваа анализа е проблемот кој исплива на површина од комуналното претпријатие во Прилеп за рециклирање отпад, поради намалениот извоз на пластика. Ова сигурно не е проблем само во ова претпријатие, туку може да повлече низа други проблеми на откупувачите на ваков отпад, како на пример на неколку приватни компании кои оперираат во државата.
На оваа тема разговаравме со експерти, а како пример ни беше посочена Португалија.
Како што не информираа од „Комората на мал бизнис“ која со група заинтересирани компании и експерти била на студиска посета таму, Португалија е пример за селектирање и преработка на отпад, пред се пластичен.
Од безидејност и неорганизирано селектирање и преработка на пластичен отпад, прераснале во главен производител на пластични делови за најголемите автомобилски индустрии. Успеале дури да направат институт кој служи за научно – истражувачки дејности во сегментот на преработка на пластиката и враќање во „живот“ на истата.
Предлагаат Македонија да го преземе овој пример. Иако количините на овој отпад во Македонија се релативно мали, доколку се организираат во масовни откупни центри и се најде можност преку фондови и директна поддршка од државата има шанси да се направи кластер на преработувачи на пластика, па да се направи обид да се влезе на европскиот пазар и да се понудат некои поливинилски производи.
Според познавачите на приликите, ова е можеби и еден од примерите како Македонија може од извезувач да прерасне во преработувач на отпад и место да извезува непреработен отпад да извезе готов производ кој би дал дополнителен прилив девизни резерви.
Игор Мицкоски