Убедена сум дека до крајот на годината Босна и Херцеговина ќе ги исполни сите преостанати услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вели претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто.
– Позитивниот извештај ни дава силен поттик да продолжиме да работиме понапорно, побрзо и подобро за да ги исполниме преостанатите критериуми за да го добиеме конечниот датум за отворање на преговорите.
Убедена сум дека ќе ги исполниме сите преостанати услови до крајот на оваа година. Тоа, пред се, нам во Босна и Херцеговина ни треба заради нас, изјави Кришто во интервју за „Еурактив“.
Босна и Херцеговина на крајот на минатата година доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во последниот извештај за напредокот на претендентите за идни членки на Унијата, објавен на почетокот на месецов, Европската комисија даде условна препорака за почеток на преговорите со барање за спроведување на дополнителни реформи, меѓу другото, поврзани со изборното законодавство, реформите во правосудството и борбата против корупцијата.
– Сега ни требаат само малку дополнителна политичка храброст и волја за конечно да ги финализираме овие реформи, вели Кришто, додавајќи дека „се реални шансите“ за исполнување на поставените услови од ЕУ до крајот на годинава.
Според Кришто, во Босна и Херцеговина постои силна волја за влез во ЕУ и да се донесат потребните закони.
– Многу реформски процеси треба да одат побрзо, но ние работиме на тоа и неспорно е дека сме на вистинскиот пат, додава премиерката на БиХ.
Инаку, една од причините поради која усвојувањето на законот за судскиот систем е блокиран во Парламентарното собрание на БиХ е дали седиштето на Жалбениот оддел на Судот на Босна и Херцеговина да биде во Источно Сараево или во Бања Лука, градови кои се наоѓаат на територијата на Република Српска.
Кришто, во интервјуто признава дека земјата има „многу нерешени внатрешно-политички прашања“, но вели дека политичките лидери мора да разговараат за сите отворени прашања и да бараат компромис, со цел државата да оди напред.
– Постојано ги повикувам сите политички актери во Босна и Херцеговина да ги концентрираме нашите дискусии на иднината и реформите, а не на минатото и поделбите.
Заедно мораме итно да продолжиме со имплементацијата на преостанатите европски реформи до крајот на оваа година, додава Кришто во интервјуто.