Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски го посети ИКТ Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп, чијашто изградба беше промовирана пред 4 години, а е во рамки на истоимениот проект финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија – ИПА.
„Токму овој Центар, кој веќе подолго време е целосно оперативен и функционален, претставува реален производ на таа наша определба за континуирано градење на дигитална инфраструктура. ИКТ Центарот претставува back-up, односно резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава, кој гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и, исто така, ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор и ќе овозможи компатибилна размена на информации со другите институции. Посебно задоволство претставува фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион една државна институција гради модерен објект за свои потреби”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека покрај МВР, ИКТ Центарот го користат повеќе државни институции, меѓу кои и Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа на РСМ, интерес за негово користење изразија и повеќе министерства и агенции, a постои отвореност за соработка и со сите други субјекти и институции.
Овој капитален проект претставува заокружување на дигиталната трансформација на процесите на МВР реализирани во периодот од 2017 до денес, со цел зголемување на ефикасноста и гарантирање на безбедноста, но пред сѐ давање одговор на барањата на граѓаните за јавни услуги. Дигиталната трансформација отвора можности и за транспарентен и респонзивен систем, подобрување на услугите кон граѓаните, бизнисите и администрацијата, односно сервисна ориентација на МВР, согласно концептот „Полицијата – сервис на граѓаните”.
„Во рамки на овој процес, МВР е поврзано на Платформата за интероперабилност, преку која активно разменува податоци со останатите институции, а се зголемува и бројот на услуги од МВР на Националниот портал за електронски услуги. Воведен е и Интегриран полициски систем за евиденција на инциденти, документи и активности на полицијата поврзани со оружје, како и нов систем за регистрирање и управување со оружје, со кој се опфатени и физички лица и правни лица. Со софтверското решение – Преземање на царинска декларација направивме дигитализација и на процесот на регистрирање на возила кои се увезуваат од странство”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој појасни за ТЕТРА системот за кој се користи и ИКТ Центарот во Прилеп, кој е меѓу 40-тината реализирани проекти на МВР благодарение на ИПА средствата од пристапната помош на Европската Унија, а преку кој се врши координација и комуникација на сите полициски службеници во министерството, но и на други државни институции кои се дел од јавната безбедност: Противпожарни единици, Армијата на РСМ, Центар за управување со кризи и единствениот број за итни повици Е-112, Итната медицинска помош, АНБ и др.
На крајот од своето обраќање Спасовски додаде дека овие големи, капитални проекти на МВР, вклучително и неодамна промовираниот нов објект на Одделот за форензички испитувања со потребните лаборатории, се реализирани благодарение на поддршката на Европската Унија и учество на буџетски средства.
„Тоа е најдобриот начин да ги воведеме европските стандарди дома, но и да овозможиме Република Северна Македонија да биде способна да се прилагоди на непредвидливата, комплексна и променлива безбедносна реалност. За да ги заштитиме животите и имотот на нашите граѓани и институции, нашиот одговор мора да биде брз, ефикасен и координиран со меѓународните пријатели и партнери. Токму тоа и го правиме!”, рече министерот Спасовски.