Понеделник, 20 ноември 2023 година е историски ден за светскиот тенис. Новак Ѓоковиќ ја започна 400. недела на првото место на АТП листата.
Никој во историјата на тенисот, во двете конкуренции, не поминал повеќе време на врвот на светската листа. Најблиску до Новак е Роџер Федерер, кој минатата година се пензионираше, низ кариерата тој број 1 бил 310 недели.
По маестралниот триумф во Торино и победата над Јаник Синер, Новак има 11.245 бодови на новата АТП листа.
Со тоа практично се погрижи да остане на чело на АТП листата до крајот на Австралија опен.
Неговата разлика во однос на Карлос Алкараз на крајот од оваа сезона е 2.390 бодови, а на третото и четвртото место се Данил Медведев и Јаник Синер со 7.600, односно 6.490 бодови.
Петти на АТП листата остана Андреј Рубљев со 4.805 поени.
Она што секако е импресивно е што на Новак и на 36 години му се дава можност дополнително да го помести рекордот по бројот на недели на врвот.
На крајот на Австралија опен ќе ја акумулира 410-та недела на врвот и на тој начин ќе му побегне на Роџер Федерер за точно 100 недели.
Српскиот тенисер е сопственик на уште неколку важни рекорди во светот на тенисот. Има 24 Грен слем титули (24), најмногу Мастерс титули (40), осум пати годината ја завршил на првото место, има најмногу победи над играчите од Топ 10 (257), освоил најмногу бодови во една сезона (16.950 )…