Вкупно 28 лица се уапсени денеска во јужна Португалија, за време на голема рација насочена кон мрежа осомничена за експлоатација на мигранти кои работат на земјоделски имоти, соопшти тамошната полиција.
Уапсените Португалци и странци се особено осомничени за трговија со луѓе, помагање на илегална имиграција, перење пари, па дури и за затајување данок, соопшти португалската полиција.
За време на рацијата биле мобилизирани околу 480 полицајци кои извршиле 78 претреси.
Десетици жртви идентификувани од истражителите доаѓаат од земји како Романија, Молдавија, Украина, Индија, Сенегал и Пакистан.
Привлечени од ветувањето за подобар живот, жртвите се нашле во ужасни услови, страдајќи од малтретирање и насилство, вели извор близок до истрагата, цитиран од дневниот весник Публико.
Пред една година, португалската полиција веќе изврши опсежна потрага во овој регион што доведе до апсење на 35 лица осомничени за трговија со мигранти кои доаѓаат од Источна Европа, Африка и Азија.