Регионот деновиве беше зафатен од фудбалската треска, поради последните натпревари во квалификацискиот турнир за ЕП 2024.
Националната Арена Тодор Проески вчера беше преполна со македонски навивачи кои дојдоа да ја бодрат својата репрезентација.
Премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, беа само дел од државниот врв што синоќа беше присутен на „Тодор Проески“.
Меѓу нив, беше и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој натпреварот од трибините го гледаше заедно со својот син.
Но, преполн беше и стадионот во Тирана, во соседна Албанија, каде истоимената фудбалска репрезентација го завери своето учество на Европското првентство, а таму, освен од домашната публика, репрезентацијата на Албанија имаше помош и поддршка и од навивачи од нашата држава.
Високи државни функционери, градоначалници, партиски функционери на ДУИ и новоформираниот Европски фронт за промена, беа присутни на најголемиот стадион во Тирана.
Вицепремиерот Артан Груби и министерот за економија Крешник Бектеши, заедно со министерот за правда Кренар Лога го прославија пласманот на Албанија на ЕП.
Но на стадионот, биле и нивните политички противници, од „Европскиот сојуз за промени“. На мечот присуствувале Изет Меџити, Биљал Касами, Африм Гаши и Висар Ганиу, кои најверојатно барем во тие два часа фудбал заборавиле на ривалството со ДУИ.
Не е првпат државни функционери од редовите на ДУИ да ја бодрат фудбалската репрезентација на Албанија во Тирана, Бектеши и Груби истото го сторија и на 11 септември оваа година.