Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на До Хоанг Лонг, новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам во Република Северна Македонија.
Во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателот Пендаровски, посакувајќи срдечно добредојде во нашата земја на виетнамскиот амбасадор, рече дека двете далечни земји ги поврзува долгогодишно пријателство, а во колективната меморија на нашите пријателски народи длабоко е врежано вреднувањето на мирот и стабилноста, како клучни предуслови за развој. Тој истакна дека Северна Македонија и Виетнам даваат поддршка и свој придонес во меѓународната заедница, за промовирање на регионалниот и глобалниот мир и стабилност. Претседателот оцени дека постои огромен неискористен потенцијал и заемен интерес за унапредување на соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
Амбасадорот на Социјалистичка Република Виетнам, До Хоанг Лонг во своето обраќање истакна дека ќе направи се што може за да придонесе за пријателството и плодната соработка меѓу двете земји и изрази очекување за поддршка и помош од нашите институции.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот До Хоанг Лонг му посака успех и среќа во извршувањето на неговата ценета и одговорна мисија и изрази уверување дека во вршењето на неговите дипломатски должности ќе ја ужива нашата целосна поддршка.