Треба да може да се критикуваат постапките на Израел без обвинувања дека таквата критика значи омраза кон Евреите, изјави денеска во Европскиот парламент високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Жозеп Борел.
По враќањето од петдневната мисија на Блискиот Исток, Борел зборуваше во Европскиот парламент во Стразбур за војната во Газа.
Тој го осуди нападот на 7 октомври на Хамас врз јужен Израел, нарекувајќи го најголемиот масакр на Евреите од Втората светска војна, но ја осуди и „хуманитарната катастрофа“ што следеше во Појасот Газа.
„Резултатот од (израелската) блокада (на Појасот Газа), која ја спречи испораката на основните материјали, е исто така еден вид масакр“, рече Борел, шпански социјалист, пренесува Хина.
– Треба да се признае правото на Израел да се брани, но во исто време да се биде огорчен од она што им се случува на палестинските цивили, рече Борел и нагласи дека треба да биде можно да се критикува политиката на Израел „без обвинувања дека тоа значи омраза кон Евреите“.
Тој рече дека е меѓу првите кои се спротивставиле на прекинот на снабдувањето со вода и електрична енергија во Појасот Газа, што е кршење на меѓународното право, и дека му рекол на Израел дека на енклавата треба да и се даде пристап до лекови, вклучително и анестетици.
Тој нагласи дека ЕУ е крајно загрижена и за нападите на израелските доселеници врз цивилното палестинско население на другата палестинска територија – окупираниот Западен Брег.
Борел рече дека конфликтот не може да се реши со воени средства и дека Хамас не може да остане на власт во Газа, но не може да биде ниту под контрола на Израел.