Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска влегоа во уште една жестока конфронтација преку своите центри за комуникација.
Причините за ова се неодамнешните случувања во Собранието, гласањето на Деловникот и вандалскиот чин на пратениците од Левица.
„Коалицискиот спаринг партнер на СДС и ДУИ, Левица и Димитар Апасиев го сака Хамас, се поклонува на Енвер Хоџа, го крши Собранието за Деловник, а молчи за Онкологија и француски предлог, како и за законите на ДУИ за игри на среќа. Апасиев е подготвен да се саморазнесе зошто во ноември има студ и ладно време, но молчи за „Бехтел и Енка”, левичарите на Енвер Хоџа молчат за барањата на синдикатите и законите ма ДУИ за игри на среќа“ истакнаа утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
Одговорот од Левица, дојде за неколку часа.
„ДПМНЕ спремни за Влада со ДУИ: за бугаризација и косоваризација на Македонија. Јасно е дека сегашната партија ДПМНЕ е проект за внатрешно поткопување на македонските позиции од страна на бугарските служби. Раководството на оваа партија е инсталирано и обучено да работи на исполнување на Софиската платформа за бугаризација на Република Македонија“ вратија од Левица.
Иако пред точно две години лидерите на овие партии Мицкоски и Апасиев заедно се сликаа најавувајќи ново мнозинство во Собранието, а потоа започнаа соработка и во Советите на општините, на крајот „пукна“ тиквата помеѓу двете партии и оттогаш започнаа со меѓусебни обвинувања.
Последниот чин на Левица во Собранието, навести дека општеството влегува во тензичен предизборен период и за очекување е ваквиот начин на јавни кавги помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица да продолжат и да се интензивираат.
Очигледно на претстојните избори, освен традиционалниот дуел власт – опозиција, јавноста ќе сведочи и на дуели и кавги меѓу опозициските партии, особено во македонскиот политички блок.