Претставници на владината коалиција остануваат на ставот за одржување редовни парламентарни избори, на ист ден со претседателските, а според неофицијалните сознанија на министерот за правда кој е од редовите на Алијанса за Албанците Кренар Лога, 8 мај ќе биде датум за одржување на двата изборни циклуса.
-Неофицијално јас знам дека тој датум ќе биде и официјален датум. Како и да е, ќе треба деновиве мнозинството да заземе став, а после и со опозицијата, а верувам дека тој ќе биде датумот за двата изборни циклуса, рече Лога на новинарско прашање дали 8 мај ќе биде датум за изборите.
И вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вели дека во мај има простор за одржување на редовните избори.
-Мислам дека сите политички партии се согласни изборите да се одржат заедно и да не бидат предвремени, затоа што во мај има простор да се одржат, согласно нашето законодавство, редовни избори, заеднички значи, и претседателски и парламентарни, и се надевам дека во рок од неколку дена ќе се донесе заедничка одлука за да се одржат тие избори, рече Груби.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, вели дека СДСМ остануваат на позицијата конечно после многу години да има редовни парламентарни избори.
-Ние се уште како Социјал демократски сојуз остануваме дека треба да има редовни парламентарни избори, конечно еднаш, после низа години, во нашата држава да има редовни парламентарни избори, се друго е работа на дискусија, рече Битиќи, кој со Лога и Груби учествуваа на Свечената академија по повод 115-годишнината на Битолскиот конгрес и Деновите на Албанската азбука, што ја организираше Владата.
Во однос на прашањето дали ќе има заеднички листи помеѓу ДУИ, АА и СДСМ, сите тројца велат дека се отворени за такво нешто и оти се водат разговори за тоа.