По репрезентативната пауза на македонската фудбалска сцена викендов следува продолжение со мечевите од прволигашката конкуренција. Тимовите во есенскиот дел ќе финишираат со последните четири кола со надеж да ги остварата своите амбиции пред зимската пауза.
Двонеделната пауза на клупската прволигашка сцена тимот од Градскиот Парк, Работнички кој во меѓувреме доби нов сопственик, турската компанија „Џевахир“, ја искористи и за ангажман на нов тренер. Пристигна трофејниот стратег, поранешен македонски репрезентативец Гоце Седлоски кој ќе има обврска со своите соработници Тони Меглеснки и Сашо Поповски да состават тим за нови победи и радости меѓу „романтичарите“.

Седлоски ја презеде екипата пред една недела, период во кој играчите тргнаа во нова офанзива за докажување и наметнување пред новиот тренер. По завршените репрезентативни обврски се ставаат на располагање и голманот Игор Алексовски (беше во А тимот за квалификациските дуели со Италија и Англија), Стефан Деспотовски, Димитар Тодоровски и Матеј Ангелов (беа на располагање во составот до 21 година за квалификацискиот дуел со Грузија и тестот со Австрија).
-Се подготвуваме да го извлечеме максимумот од играчкиот потенцијал, да собереме што е можно повеќе бодови до паузата за да останеме конкурентни во трката за позициите кои водат на евро сцената во пролетниот дел – вели Седлоски, кој скенира тим со кој ќе финишира во есенскиот дел.
Во зависност од резултатите и настапите во зимскиот преоден рок не е исклучлена можноста конкуренцијата во тимот да биде зголемена со две-три проверени имиња.
-Најпрво да си ја завршиме како што планраме саканата цел. Ќе видиме каде сме што ни е потребно за уште подобри изданија и резултати, па ако треба ќе побараме и нов решенија, вели Седло.
Предизвик за Работнички во последните четири есенски кола е да собере девет бода. Игра два натпревари дома со Гостивар и Брера и два гостува кај Шкендија и Воска. Ако на крајот домашниот есап излезе побогат, ќе се отиде чекор подалеку во пролетните планови и амбиции.

Работнички по 14 одиграни кола е на делба на петтата шпозиција со Брера со по 19 бодови, заостанува девет бодови зад водечкиот двоец Шкупи и Шкендја (28 бодови), следуваат Струга со 27 и Силекс со 23 бода.
Прв предизвик за Седлоски ќе биде неделниот натпревар од 15. коло во кое Работнички ќе се соочи со Гостивар, кој е на табелата веднаш зад „роматичарите“ со 18 бода. Меч за престиж и презимување при врвот.