Премиерот на Финска, Петери Орпо денеска соопшти дека владата на земјата одлучила да ги затвори сите гранични премини со Русија, освен еден.
„Нашата задача е да ја обезбедиме безбедноста на Финците“, рече Орпо на прес-конференција и додаде дека граничниот премин Раја-Јосеп ќе остане отворен, пренесува финскиот јавен сервис YLE.
Во ноември, повеќе од 700 луѓе без валидни патни документи влегоа во Финска преку Русија, поради што Хелсинки затвори неколку премини и ја обвини Москва за префрлање мигранти во Финска.
Кремљ, пак, ги отфрла сите обвинувања.
„Неопходно е да им се наложи на финските граничари да одржат консултации со руските граничари и да ја претстават целата загриженост на финската страна. Неопходно е да се разгледаат сите точки, да се најде заемно прифатливо решение или да се добие објаснување“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.