Гутереш: Договорот помеѓу Израел и Хамас е важен чекор, но останува уште многу работа

Договорот помеѓу Израел и Хамас за ослободување на заложниците и прекин на огнот е „важен чекор во вистинската насока, но останува уште многу работа“, изјави портпаролот на генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш.

Тој додаде дека Гутереш „го поздравува договор меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на Катар и поддржан од Египет и САД“.

– ОН ќе го мобилизираат целиот свој капацитет за да го поддржат спроведувањето на договорот и да го максимизираат неговото позитивно влијание врз хуманитарната ситуација во Газа, посочи портпаролот на Гутереш.

Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, исто така, го поздрави договорот, при тоа истакнувајќи оти „не е доволно да се стави крај на страдањата на цивилното население“.

Тој повика на ослободување на сите заложници, а додека тоа не се случи, треба да се внимава на оние кои остануваат во заробеништво.

Тедрос упати нов повик за прекин на огнот за да може да се даде вистинска помош на жителите во Појасот Газа на долг рок и во целосна безбедност.

Израел и Хамас постигнаа договор за четиридневен прекин на огнот и ослободување на најмалку 50 од околу 240 заложници кои Хамас ги киднапира на 7 октомври, во замена за ослободување на 150 малолетници и жени кои се во израелските затвори.

Треба да знаете
Последни објави