Турција го информираше НАТО дека ратификацијата на кандидатурата за членство на Шведска нема да биде завршена навреме за да се овозможи церемонијата за пристапување на скандинавската земја на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата следната недела, изјавија вечерва за Радио Слободна Европа два извори запознаени со ова прашање.
Комисијата за надворешни работи на турскиот Парламент минатата недела го одложи гласањето за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, со цел да се одржат дополнителни разговори.
Комитетот најверојатно ќе ја заврши својата дебата за ова прашање во вторник или среда следната недела, рече еден од изворите.
Тие денови, 28 и 29 ноември, во Брисел ќе се сретнат министрите за надворешни работи на НАТО.
Имаше надеж во Алијансата дека Шведска тогаш може да стане членка на НАТО.
Шведска и Финска поднесоа барање за влез во НАТО во мај минатата година, по руската инвазија на Украина.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, тогаш изрази приговори за двете барања бидејќи, како што рече, скандинавските земји ги штитат луѓето кои Турција ги смета за терористи, како и поради нивното трговско ембарго за извоз на оружје во таа земја.
Турција ја поддржа кандидатурата на Финска во април, но ја остави Шведска во чекалната.
Анкара побара Шведска да ги ограничи активностите на членовите на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Европската унија и САД ја сметаат за терористичка организација.
Како одговор, Стокхолм воведе антитерористички закон со кој членството во терористичка организација е нелегално и ги укина ограничувањата за извоз на оружје во Турција.
Со цел да се ратификува шведскиот закон за пристапување во НАТО во Турција, предлогот прво треба да биде одобрен од комисијата за надворешни работи пред да биде ставен на гласање во парламентот – што може да дојде неколку дена или недели подоцна.
Иако членката на НАТО Унгарија исто така не го ратификуваше членството на Шведска, Турција се смета за главна пречка за влезот на скандинавската земја во Алијансата.