Израелските сили го уапсија директорот на болницата „Ал Шифа“ и неколку лекари

Израелските сили денеска го уапсија директорот на болницата Ал Шифа во Газа и уште неколку лекари, изјави шефот на одделот на таа институција, Калид Абу Самра.

Тој рече дека Мохамед Абу Салми, директорот на најголемата болница во Газа, е уапсен и е испрашуван од членови на разузнавачката служба Шин Бет и израелската армија (ИДФ), објави „Тајмс оф Израел“.

Болницата Ал Шифа беше главниот фокус на израелската операција против Хамас.

Израелското воено радио објави дека Абу Салми бил приведен додека се движел да се евакуира кон југот на Појасот Газа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) велат дека многубројните сведоштва покажале дека под негово директно управување, локацијата служела како команден центар за Хамас.

Одлуката за продолжување на притворот на Абу-Салми ќе биде донесена во согласност со наодите на истрагата, пренесе „Харец“.

Во соопштението се тврди дека Хамас користел многу ресурси, вклучително и електрична енергија, за да го зајакне системот на тунели што го изградил под болницата и да складира оружје и борбена опрема во и околу болницата.

Беше споменато и дека по терористичкиот напад на 7 октомври, Хамас ја користел болницата како засолниште за своите милитанти, па дури и носел израелски затвореници таму.

Претставник на Министерството за здравство на Газа денеска изјави дека Израел наредил евакуација на персоналот на индонезиската болница во северниот дел на Појасот Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Д-р Мунир ал-Бурш рече дека болницата се обидува да организира 200 автобуси за транспорт на пациенти, вклучително и постари луѓе и деца со изгореници.

Во комплексот се сместени 700 пациенти и членови на персоналот, кои се борат да им помогнат на повредените и покрај недостигот на медицински материјали од израелскиот напад врз болницата во понеделникот.

Треба да знаете
Последни објави