На Балканот пристигнува вистинска зима

Метеоролошката ситуација во Европа значително ќе се промени во наредните денови, пишува Истрамет. Поради развој на антициклонски блок меѓу Велика Британија и Исланд, големо количество студен воздух ќе навлезе и во јужниот дел од Европа, на Балканскиот полуостров.

Температурите ќе паднат под просекот низ Централна и Источна Европа, а отстапувањето ќе биде најизразено на Централниот Балкан со температури до 10 степени под просекот.

Утринските температури на почетокот на следната недела во повисоките предели би можеле да се спуштат до -10 °C, а во котлините и ниските делови до -5 °C.

Продорот на студениот воздух ќе биде многу силен, а воедно ќе има и создавање на циклони, сепак во јужниот дел од регионот, не се очекува посилно заладување.

Циклонот најверојатно ќе се развие во јужниот дел на Јадранот, а потоа ќе се движи брзо кон исток над Грција. Во ваква ситуација пообилен снег се очекува во централните делови на Балканот, а потоа со натамошно движење на циклонот и источна Европа каде ќе се сретне многу студен воздух од поларно потекло и влажен воздух од југот на Европа.

Најмногу снег се очекува во Украина, Белорусија, Полска, балтичките земји и западниот дел на Русија. Температурите во нашиот дел од Европа ќе се задржат под просекот десет дена, а можеби и подолго.

Треба да знаете
Последни објави